26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Барние: Вистинските последици од брегзитот дури сега се чувствуваат

Главниот европски преговарач за брегзитот, Мишел Барние, изјави дека вистинските последици од одлуката на Британците да ја напуштат Европската Унија години по референдумот во 2016 година, дури сега почнуваат да се чувствуваат.

Наведувајќи ги промените што ги донесе брегзитот од 1 јануари, кога дефинитивно стапи во сила по преодниот период, Барние рече дека трговските бариери, ограничувањата на движењето за граѓаните и работните визи се неизбежни.

„Вистинските последици од референдумот дури сега почнаа да допираат до многу луѓе“, рече Барние на собирот во Швајцарија во средата преку видеоврска од Париз.

„Реалноста што секој може да ја види е дека брегзитот значи враќање на трговските бариери што не постоеја пред 47 години“, додаде тој.

Извозот на храна и пијалаци од Велика Британија во ЕУ опадна 75,5 проценти во јануари, соопшти британската Федерација за храна и пијалаци, припишувајќи им голем дел од оваа бројка на бариерите по брегзитот. Британската влада соопшти дека трговијата со Европската Унија е погодена од пандемија и проблемите со кои се соочуваат компаниите при приспособувањето кон новите царински правила и очекува тоа да се подобри со текот на времето.

Барние исто така посочи дека британските и европските граѓани веќе немаат право да се движат слободно на британска и европска територија наведувајќи ги како пример музичарите, кои мора да добијат работни дозволи. Тој рече дека брегзит е исто така лекција за Европската Унија, која мора да им покаже на своите граѓани дека Унијата им користи на сите и дека не е дистанцирана и индиферентна бирократија, како што тоа го прикажуваат поддржувачите на брегзитот.