12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Правда има: За три години осудени над 40 лица, половината со казни над 10 години затвор

И покрај чувството во јавноста за продолжување на климата на неказнивост, анализата покажува дека еден од симболите на режимот, Сашо Мијалков, освен што доби 12 години затвор за обвинението за прислушување, се соочува со затворски казни уште во четири предмети на СЈО – „Титаник 2“, „Трезор“, „Тортура“ и евентуално „Империја“, која сѐ уште е во фаза на истрага. Пребеганиот Никола Груевски веќе заработи две затворски казни од вкупно 3 години и 6 месеци, додека Гордана Јанкулоска има две изречени затворски пресуди од вкупно 8 години, а ја чека уште еден голем случај –„Титаник“. Против Груевски, пак, течат судења за уште пет предмети, а застаре само еден – „Траекторија“, пишува „Независен весник“.

Порталот објавува анализа со преглед на сите пресуди по предметите на СЈО и на оние за настаните во парламентот од 27 април, според која од 2017 година, кога започнаа првите судења покренати од СЈО па досега изречени се пресуди од над 350 години ефективен затвор во високопрофилни случаи, иако некои од нив треба да ги потврди Апелацискиот суд.

Според „Независен весник“, од вкупно 40 процеси за висока корупција, вклучувајќи го и „Рекет“ со Катица Јанева, целосно се завршени седум, а потврди од Апелацискиот суд се чекаат за уште четири – „Таргет-Тврдина“, „Титаник 3“, „Транспортер“ и „Тарифа“. Завршија и процесите за случајот „Монструм“ и за учесниците во насилството на 27 април, но далеку од крајот е судењето за организаторите на упадот во парламентот, меѓу кои е обвинет и Трајко Вељаноски.

Во затвор или притвор од високите функционери и деловни луѓе, освен Мијалков и Јанкуловска, во моментов се Сеад Кочан, Ѓоко Поповски, Катица Јанева и осудените за 27 април, додека Владимир Талески чека потврда на казната од Апелација, а судењата за Владимир Пешевски, Елизабета Канческа-Милевска, Зоран Ставрески, Кирил Божиновски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Силвана Бонева, Љупчо Димовски сѐ уште траат. Миле Јанакиески засега има едногодишна условна затворска казна за насилството во Центар, но го чекаат пресуди во шест други судски обвиненија.

Целосен преглед на сите предмети на СЈО во текстот на „Независен весник“.