18.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТИЗБОР

Прво обраќање на Трамп по заминувањето од Белата куќа: Нашето движење штотуку почна

Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, вчера во своето прво големо oбраќање по напуштањето на Белата куќа, навести можна повторна кандидатура за претседател во 2024 година, го нападна претседателот Џо Бајден и ги повтори своите тврдења дека победил на изборите.

„Нашето движење на горди, вредни, американски патриоти штотуку почнa и ќе победиме на крајот. Сигурно ќе победиме“, рече Трамп во говорот на најголемиот американски годишен собир на конзервативци во Орландо, Флорида. Ова беше негов прв јавен говор на бина откога пред шест недели ја напушти Белата куќа.

Одбивајќи да признае дека ги загубил претседателските избори од 3 ноември минатата година, Трамп ги критикува првите недели од мандатот на неговиот демократски наследник, Џо Бајден, и сугерира дека може повторно да се кандидира.

„Џо Бајден имаше покатастрофален прв месец од кој било претседател во модерната историја“, рече Трамп обидувајќи се да се позиционира како водечки критичар на новиот претседател, особено во поглед на имиграцијата и безбедноста на границата меѓу САД и Мексико, како и поради бавното отворање на училиштата затворени во услови на пандемија.

„Веќе ја изгубија Белата куќа“, нагласи Трамп по критикувањето на постапките на Бајден.

„Но, којзнае, којзнае, можеби дури и ќе се одлучам да ги победам третпат“, рече поранешниот претседател во говорот, кој почна со задоцнување од повеќе од еден час, a во кој, меѓу другото, рече дека сака да ги спаси културата и идентитетот на Соединетите Американски Држави.

Во говорот во Орландо, Трамп ја прогласи Републиканската партија за единствена и обединета и рече дека не се обидува или планира да основа трета партија, идеја за која разговараше со своите советници во последните месеци.

„Ние не основаме нова партија. Имаме Републиканска партија. Таа ќе биде обединета и посилна од кога било досега. Нема да основам нова партија“, рече тој.

Во својот говор тој ги повтори своите неаргументирани тврдења за изборна измама посочувајќи дека Соединетите Американски Држави имаат многу болен и корумпиран изборен процес, кој мора веднаш да се поправи.

„Овие избори беа наместени“, истакна Трамп додавајќи дека Врховниот суд и другите судови не сакаат да сторат ништо за да го поправат тоа.