30.8 C
Скопје
18. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Руската вакцина „спутник В“ е 91,6 процент ефикасна во третата фаза од испитувањата

Руската вакцина против коронавирусот „спутник В“ се покажа како 91,6 процент ефикасна во третата фаза на клиничките испитувања, покажуваат резултатите објавени во медицинското списание „Лансет“.

Научниците велат дека овој резултат во доцната фаза на клиничките испитувања значи дека постои уште една ефективна вакцина против Ковид-19 во светот и дека одлуката на Москва да ја стави вакцината во употреба пред да завршат тестовите е донекаде оправдана.

„Клиничкото истражување беше спроведено на 19.866 волонтери, од кои една четвртина добија плацебо“, рече водечкиот научник на Институтот „Гамалеа“, Денис Логунов, пренесува „Гласот на Америка“.

Инфекција е забележана кај 16 волонтери што примиле вакцина, а имало 62 лица што се заразиле и примиле плацебо. Резултатите покажуваат дека двете дози на вакцината, примени со разлика од 21 ден, се 91,6 процент ефикасни против Ковид-19.

Вакцината се покажа ефикасна 91,8 процент кај оние над 60 години и нема сериозни несакани ефекти. Резултатите укажуваат на тоа дека вакцината е ефективна дури 100 проценти во случаи на умерена и тешка болест, што беше покажано кај 78 испитаници.