12.8 C
Скопје
16. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈА

УНИЦЕФ се вклучува во делот на склучување договори и транспорт на вакцините до земјава

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информира дека подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација против Ковид-19 се одвива со одлична динамика.
По посетата на сите економски оператори, кои и сега чуваат и дистрибуираат вакцини, Филипче потенцира дека нивните капацитети се подготвени, а останува во јануари да пристигнат преку донација и специјалните фрижидери наменети за вакцината на „Фајзер“, која се складира на -70 степени.

На прес-конференцијата тој посочи дека нашата држава е активирана на три полиња за набавка на вакцина против Ковид-19. Тоа се Ковакс-системот, Европската Унија и директни договори со компаниите „Фајзер“ и “Астра зенека“.

„Денеска, на владината седница помина информацијата со која УНИЦЕФ се вклучува во помошта во делот на склучување на договорите и транспортот на вакцините до нашата земја од тој прозводител, кој ќе биде одреден од Ковакс-системот како институција што има и капацитет, и можности и знаење. Ова беше една од препораките на Ковакс-системот УНИЦЕФ да се вклучи во овој дел од снабдувањето со вакцината“, рече Филипче.

Министерот уште еднаш нагласи дека вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани, а приоритет ќе имаат здравствените работници, возрасните над 65 години и оние граѓани со хронични кардиоваскуларни и белодробни болести.

Министерот Филипче упати апел граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести, особено во овој период кога се интензивираат многуте дезинформации во однос на вакцините.

„Вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин исто како и сите други вакцини што денес се користат. Примарната цел на вакцинацијата е заштитита на населението и, пред сè, намалување на смртниот исход од заболување со Ковид-19“, нагласи Филипче.