17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАМАКЕДОНИЈА

Филипче пред почетокот на владината седница откри какви рестриктивни мерки ќе бидат превземени

И пред почетокот на владината седница закажана за денеска на која ќе се дискутира за донесените препораки на воведување нов пакет мерки од Комисијата за заразни болести, министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил потврди што следува.

Седницата на Владата е закажана за 12 часот, а Филипче неколку минути претходно преку социјалните мрежи потврди дека работното време на угостителските објекти се менува и од 18 декември до 21 јануари ќе работат до 18 часот.

-Угостителските објекти се еден сериозен ризик и затоа го ограничуваме работењето до 18:00 часот. Препорачуваме да нема домашни собири и да нема собири во викенд населбите. Забраната за групирање е на сила. Оваа зима е сериозен предизвик и мора сите заеднички да му помогнеме на здравствениот систем, а пред сѐ на нашите здравствени работници, напиша Филипче на Фејсбук.

Комисијата за заразни болести вчера соопшти дека ќе препорача до Владата нов пакет на рестриктивни со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид 19 во престојниот период на празници.

Препораката до Владата ќе биде угостителиските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега.

Останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во претстојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците.

Комисијата ќе достави и препорака за забрана за групирање во станови за претстојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.

Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.

Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба.

Од Независната угостителска комора реагираа на ваквата предлог мерка истакнувајќи дека веќе трпат големи штети, а со истата се доведува во прашање нивниот опстанок.

Во денешното соопштение тие посочуваат дека според првичните проценки, штетите на угостителите од воведува на ваквата мерка ќе изнесува меѓу 18 и 22 милиони евра. Бараат од Владата за нив, доколку се донесе оваа мерка, да биде одобрен нов пакет финансиска помош.