18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

Берлинскиот суд ја укина владината одлука за затворање на кафулињата: „Тоа нема смисла ако се носат маски“

Пред нешто повеќе од една недела се случи голема промена во ноќниот живот во Берлин.

Имено, за да се потисне ширењето на коронавирусот, властите одлучија да наложат сите кафулиња, барови, ресторани и клубови да бидат затворени од 23 до 6 часот наутро, што во Берлин не се случило во последните 70 години.

Тоа беше одговор на сојузната Влада на порастот на новозаразени лица.

Меѓутоа, како што објави „Гардијан“, берлинскиот Управен суд ја укинал одредбата за ограничување на работното време, воведена од градскиот Сенат минатата недела.

Имено, податоците објавени од институтот „Роберт Кох“, кој е германска агенција за контрола на болести, покажуваат дека кафулињата се придржувале до наметнатите хигиенски правила и дека тие не придонеле значително за ширењето на инфекцијата во Берлин.

Судот потоа заклучи дека мерката на Сенатот за воведување ограничувања на работното време не е оправдана.

„Одлуката за ограничување на работното време е суспендирана затоа што судот смета дека е непропорционална со оглед на другите мерки што ги преземаме за борба против пандемијата“, се вели во соопштението на судот.

Понатаму се објаснува дека нема докази оти рестораните и кафулињата, што се придржуваат до мерките за носење маски и физичко растојание, придонесуваат за ширење на инфекцијата.

Вкупно единаесет ресторани поднеле жалба до судот по донесувањето на одлуката.

Берлинскиот сенат може да се обиде да поднесе жалба до повисок суд.

Но, вреди да се напомене дека судот во Берлин не е единствениот кој донел ваква одлука против Владата. Одлуката за забрана за луѓе од германските жаришта да патуваат на друго место кое не е прогласено за жариште, односно таму да преноќат само ако имаат негативен тест за корона и тоа не постар од 48 часа, веќе беше одбиена во девет од 19 германски покраини.