10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Косовски аналитичари: Македонија е олицетворение на одличните односи меѓу Македонците и Албанците

С. Македонија стана олицетворение на демократијата и одличните односи меѓу Македонците и Албанците. Ова е докажано во самиот состав на владата. Земјата е најдобриот пример за тоа како да се оди напред. Али Ахмети и Зоран Заев докажаа и му покажаа на светот дека кога има политичка волја, сè може да се надмине, велат косовски аналитичари во разговор со Локално.

До неодамна, според нив на Македонија и се закануваше истребување, снемување од картата, а со доаѓањето на Пендаровски и Заев на власт, „Македонија го обезбедила својот опстанок и подобра иднина“.

Во контекст на потпишувањето на Договорот од Вашингтон помеѓу Србија и Косово,сметаат дека клучот за иднината на целиот регион е економскиот развој и масовното вработување на луѓето. Тврдат дека со него, Америка бара од Србија да се „откачи“ од Русија и Кина, а за возврат ќе го добие пазарот на Западен Балкан, т.е. Србија ќе биде „поглавар“ на Македонија, Косово, Албанија, Босна и Црна Гора.

Фатмир Шеноли, политички аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина, смета дека потпишаниот документ во Вашингтон вели дека САД се многу заинтересирани за мир на Западен Балкан, особено за односите меѓу Косово и Србија.

– Соединетите Американски Држави докажаа дека треба да започнат со решавање на косовско-српскиот проблем преку економијата и со тоа испратија силна порака до Европската Унија дека стоењето во едно место од 10 години околу нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија мораше да започне од ќор-сокак,вели Шеноли за Локално.

За изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека има амбиција за укинување на границата меѓу Албанија и Косово, како и границата со Србија, најверојатно мислејќи на регионалниот Шенген, смета дека границата меѓу Косово и Србија е само фиктивна, таа симболично постои.

-Доколку Србија продолжи со ваква кампања за попречување на државноста на Косово и преку партијата Српска листа во Косово, исто така, се обидува да ја поткопа државноста на земјата, тогаш треба да се очекува дека Косово и Албанија, со поддршка на големите сили, ќе направат чекор понатаму кон соединување на сите компоненти, кои му даваат право на албанскиот народ и сите несрпскит заедници на Косово да прогласат обединување на сè што е можно по волја на народот. Во таа смисла, верувам дека е и изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, која се стреми да постигне мир на овие простори, смета политичкиот аналитичар.

На констатацијата дека Албанците се интегрирани во системот и институциите во Македонија и дали смета дека е можно во Србија, Албанец да биде дел од Владата, односно да добие некоја повисока политичка функција во државните органи на земјата, Шеноли посочува дека С. Македонија станала „олицетворение на демократијата и одличните односи меѓу Македонците и Албанците“, додека во Србија не верува дека ќе видимеслично нешто и дека таму Албанците се „дискриминирани“.

-Ова е докажано во самиот состав на владата. Земјата е најдобриот пример за тоа како да се оди напред. Али Ахмети и Зоран Заев докажаа и му покажаа на светот дека кога има политичка волја, сè може да се надмине. Во таа смисла, навистина, сите земји во регионот, вклучително и Косово, треба да учат од С. Македонија. Дритан Абазовиќ е Албанец кој сè уште претставува граѓанска опција и добро е што зазеде таква позиција со цел подобрување на демократијата, но дали ќе успее во тоа останува да видиме. Не верувам дека има Албанец во Србија кој би прифатил да биде во делегацијата на Вучиќ наспроти делегацијата на Косово. Албанците во Србија се дискриминирани, па затоа неодамна владите на Албанија и на Косово издвоија буџет за помош на албанскиот народ во Србија, вели Шеноли.

За економската соработка помеѓу нашите две земји, аналитичарот смета дека Косово и С. Македонија имаат историска шанса да станат „епицентар на економската соработка“ и верува дека во овие односи двете влади треба да дадат многу поголем придонес за развој на меѓудржавните односи.

Според Леон Духанај, политички аналитичар, Косово го дава најдобриот пример во поглед на гарантирање на правата на малцинствата преку Уставот, додека Србија „инсистира на барање права во регионот за Србите, но не сака да им ги дава на другите и тоа не е правилно“.

-Србите во Косово имаат дури и резервирани места во државните сегменти. Според мене, нема ништо лошо во тоа, напротив, и Албанците во Србија треба да ги уживаат истите права. Мислам дека Македонија во последните години има направено напредок во спроведувањето на Охридскиот договор. Сепак, мислам дека има уште работа да се направи. Убеден сум дека работите ќе се движат напред, но за тоа е потребно време. Ниту една држава не треба да се плаши од правата на малцинските етнички групи. Наместо тоа, тие треба да бидат напредни така што никој нема да се чувствува како странец во нивниот дом, вели Духанај.

Според него, клучот за иднината на целиот регион е економскиот развој и масовното вработување на луѓето, и дека политичарите не треба да бараат алиби и да се кријат зад засолништата на национализмот, туку да го мерат нивниот учинок кон соодветните држави и потребите на граѓаните.

-Ова ќе се случи кога граѓаните нема да дозволат да бидат измамени од неостварени нешта и нивните ветувања, туку да бараат слобода, благосостојба и јавна безбедност за сите, посочува аналитичарот.

Договорот потпишан во Овалната канцелари, смета, е важен чекор кон постигнување траен миро и стабилност во регионот, кои се исто толку важни „како дишењето воздух“.

-Економскиот развој, надминувањето на националистичките теми и враќањето на темите што влијаат на граѓаните и нивните потреби треба да бидат приоритет за иднината во целиот регион на Западен Балкан. Во овој контекст, договорите од економска природа во Белата куќа се вистинскиот пристап, истакна Духанај за договорот потпишан во Белата куќа од Трамп, Вучиќ и Хоти.

За изјавата на Рама за укинување на границите меѓу нивната земја и Албанија, смета дека балканските влади се познати по своите политички изјави засновани на патриотски карактер и тие ги даваат повеќе за домашната јавност, но дека треба јасно да се наведе дека Владата на Србија се обидела да „манипулира со изјавата на албанскиот премиер“.

-Ова е затоа што Рама го изјави она што го бара целиот регион, отворање на границите и целосна интеграција, што ќе претходи на евроинтеграциите. Тој рече дека сака да ја отвори границата со Косово, но не еднострано, туку заедно со другите соседи. Ова е и треба да биде целта на сите земји од регионот, истакнува тој.

За односите меѓу Косово и С.Македонија и економската соработка, според Духанај, тие се на задоволително ниво, но има простор за подобрување.

-Треба да се напомене дека со доаѓањето на г-дин Заев на чело на Северна Македонија, работите одат малку подобро, бидејќи неговиот пристап е поактивен, помирен и покооперативен. Тоа не треба да биде доволно за нас. Работите треба да одат напред уште повеќе за да се постигне заеднички напредок, изјави Духанај за Локално.

Политичкиот аналитичар Неџмедин Спахиу пак вели дека опасноста за една држава не доаѓа од малцинските народи, туку од мнозинскиот народ. Тврди дека Македонија и Црна Гора направиле голем напредок во последните 3 децении во однос на правата на малцинствата,додека за Србија ќе причекаме уште долго време додека некој Албанец заземе некои важни позиции во земјата.

-До неодамна на Македонија и се закануваше истребување, снемување од картата. Со доаѓањето на Пендаровски и Заев, Македонија го обезбеди својот опстанок и подобра иднина. Црна Гора ќе продолжи да има проблеми со Србија. До неодамна, во јавниот дискурс меѓу Албанците во Македонија, државата Македонија се третираше како окупаторска сила. Во последниве години, јавниот дискурс радикално се промени. Албанците во вашата земја сега ја нарекуваат македонската држава како „своја држава“. Тоа е суштинска промена и предуслов за напредок на секое општество. Сепак, така не се чувствуваат Албанците во Прешевската долина. Тие не велат дека Србија е нивна држава, туку држава окупатор. Албанците од Куманово и оние од Прешевската долина се роднини едни со други, но државата Македонија успеа да ги присвои срцата на сите свои граѓани, а Србија не успеа во тоа, истакна Спахиу во разговор со Локално.

За „бришењето на границите“ за кое заговара албанскиот премиер, смета дека границите на Балканот треба да се укинат ако се стремиме кон Европската заедница.

-Пред 12 години предложив да се создаде мини-Шенген меѓу Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Тоа се прилично изедначени економии каде ниту една економија не би можела да ги проголта другите. За 10-12 години, економијата на оваа мини-Шенген зона ќе биде конкурентна на српската економија. Во тој случај, ако оваа мини Шенген зона сега се проширеше со Србија и Босна, српската економија не би можела да ги проголта другите економии и односите меѓу балканските земји би биле поздрави и покоректни. Како што стојат работите сега, во периодот пред влезот во ЕУ: Српската економија ќе ги проголта сите други економии на Западен Балкан, истакна аналитичарот.

Според него, Договорот од Вашингтон во суштина е „договор меѓу САД и Србија“.

-Америка бара од Србија да се откачи од Русија и Кина, а за возврат ќе го добие пазарот на Западен Балкан, т.е. Србија ќе биде поглавар на Македонија, Косово, Албанија, Босна и Црна Гора. Условот за докажување дека Србија се одвоила од Русија и Кина и спаѓа целосно во американската орбита е да ја премести својата амбасада во Ерусалим,истакна Спахиу.

Посочува дека односите меѓу Косово и Македонија треба да имааат уште подобри меѓусебни односи.

-Културните односи заостануваат. Во Македонија постојат културни односи меѓу Косоварите и Албанците, но нема (а треба да постојат) културни односи меѓу Косоварите и Македонците. Тоа е срамота. На политички план, долгоочекуваната заедничка седница помеѓу владите на Македонија и Косово сè уште не е одржана, вели тој.

Никола Поповски/ Локално.мк