20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Мјанмараски војници признаа дека се спроведени злосторства врз Рохинџите

Двајца припадници на војската на Мјанмар признаа пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) дека извршиле злосторства врз малцинските муслимани Рохинџи во западната мјанмарска држава Аракан, се вели во соопштението на меѓународна група за заштита на човековите права, пренесува„Ал џезира“.

„Двајцата тврдеа дека постапувале по наредба на високи команданти за истребување на сите Рохинџи во одредените области“, објави организацијата „Фортифај рајтс“.

Ова се први признанија на припадници на вооружените сили на оваа земја во југоисточна Азија за масовни убиства, силувања и злосторства против човештвото откако се појавија извештаите за нападите врз Рохинџите во 2012 година. Активистите за заштита на правата и експертите го дефинираа ова како голем напредок во барањето правда за Рохинџите против властите на Мјанмар за геноцид и етничко чистење.

Според изјавите, „Фортифај рајтс“ доби две видеа од признанијата на војниците Мио Вин Тун и Зав Наинг Тун. Според шпекулациите што кружат, и двајцата се во притвор во Меѓународниот кривичен суд во Хаг иако судот го негираше ова.

Пешадиските баталјони 565 и 353 биле активни во државата Аракан за време на воените операции за „чистење“ на цивилите Рохинџи во 2016 и 2017 година, се додава во нивниот извештај.

„Во необјавените признанија, војникот Мио Вин Тун ја опишува неговата вмешаност во убивањето жени, мажи и деца Рохинџи, и призна дека извршил силувања во селото Таунг Базар и околните села во гратчето Бутидаунг во септември 2017 година,“ се вели понатаму во соопштението.

„Зав Наинг Тун ја призна неговата вмешаност во убивањето, закопувањето тела во масовни гробници и во други злосторства против Рохинџите во пет села во гратчето Маунгдав за време на операциите за расчистување на Армијата на Мјанмар во 2017 година.“

Војниците ги навеле имињата и чиновите на 19 директни извршители од Армијата на Мјанмар, меѓу кои се и тие, како и шест високи команданти – потполковник, полковник и тројца капетани – за кои тврдат дека ги издале наредбите или придонеле за злосторствата против Рохинџите.

Во соопштението се додава дека Араканската армија – етничка бунтовничка група што моментално учествува во вооружен конфликт против Мјанмар во државата Аракан – ги снимила признанијата на Мио Вин Тун на 23 јули 2020 година и на Зав Наинг Тун на 8 јули 2020 година.

Во средината на август, двајцата дошле на границата меѓу Мјанмар и Бангладеш барајќи заштита од властите на Бангладеш, која потоа како држава членка на Римскиот статут, го известила МКС за двајцата поранешни војници.

Осврнувајќи се на едно од признанијата, во соопштението се додава дека Армијата во септември 2017 година ги уништила селата на Рохинџите во околината на Таунг Базар во гратчето Бутидаунг. Мио Вин Тун исто така признал дека извршил силувања, дека бил вмешан во убивањето на 30 мажи, жени и деца во Таунг Базар и во дополнителни убиства на 60 до 70 цивили во село по село во близина на Таунг Базар.

Тој и неговиот баталјон „избришале“ 20 села на Рохинџите во Маунгдав во септември 2017 година и учествувал во убивање на околу 80 цивили, вклучувајќи деца, возрасни, жени, па дури и стари лица преку координирани масакри.

„Врз основа на овие признанија, двајцата војници можат да бидат директно одговорни за убиството на 180 цивили Рохинџи“, се додава во соопштението.

Директорот на „Фортифај рајтс“ вели рече дека признанијата, за кои изјави дека се веродостојни, поткопуваат сè што Мјанмар негира пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во случајот што го подигна Гамбија во 2019 година во име на Организацијата за исламска соработка.

Сепак, тој истакна дека Обвинителството „одбива да коментира за тековната истрага, а портпаролот на Судот јавно негираше дека двајцата мажи се во притвор“.

Муслиманите Рохинџа, кои ОН ги опишаа како најзагрозено национално малцинство во светот, се соочуваат со сè поголем прогон и напади од 2012 година. Настаните кои маката на араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август 2017 година.

Под плаштот на борбата против милитантните напади врз полициските пунктови, војската на Мјанмар и будистичките милитанти тој ден започнаа брутални напади врз муслиманите Рохинџа во кои свирепо се убиени над 24.000 припадници на тоа малцинство.

Нападите прераснаа во класична форма на етничко чистење, а мјанмарската војска запали стотици муслимански села. Според податоците на ОН, од август 2017 година од тој регион во соседен Бангладеш пребегаа над 900.000 муслимани.

Гамбија на 11 ноември 2019 година поднесе тужба за геноцид против Мјанмар. Меѓународниот суд на правдата на 23 јануари 2020 година побара од Мјанмар да преземе мерки за спречување на убиствата и злосторствата над муслиманите Рохинџа.

Спонзорирано: