12.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈА

Во рок од четири дена лоцирани над 60 трговици кои ги зголемиле цените на лимоните

Државниот пазарен инспекторат периодов покрај контролите на угостителските објекти и на трговците, ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи врз основа на владините одлуки поради епидемијата од коронавирусот.

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, информираше дека во периодот од 23-27 март, Државниот пазарен инспекторат во соработка со инспектори од Управата за јавни приходи направил вкупно 928 надзори на цените.

„Во периодот од овие 4 дена кај над шеесетина трговци е утврдено покачување претежно на цената на лимоните и истите по укажувањето ги вратија старите цени од 11 март“, соопшти таа.

Истовремено кажа и дека има голем број неосновани пријави за зголемени цени на лимони кај одредени трговци.

„Со оглед на тоа дека располагаме со ограничен број на инспектори замолуваме пријавувањето да се прави само кога навистина има реални непочитувања на владините мерки“, рече претседателката на Инспекцискиот совет.

Таа додаде дека во текот на овие четири дена (од 23-27 март) шест Инспекторати спровеле вкупно 7.633 надзори во различни сектори низ цела држава со цел да се гарантира почитувањето на мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот.