24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈА

Казни за двајца скопјани и четворица велешани поради непочитување на здравствените прописи

Основните јавни обвинителства во Скопје и Велес доставија предлог за издавање казни против двајца скопјани и четворица велешани, поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата.

Првиот обвинет скопјанец, на 18 март, на граничниот премин Деве Баир, враќајќи се од Бугарија, потпишал изјава дека ќе се самоизолира во траење од 14 дена во неговиот дом во Крушопек. Но, не постапил според прописите и наредбите на Владата со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест COVID-19. На 19 март, при полициска контрола, 42-годишниот обвинет не бил затекнат во неговиот дом.

Вториот обвинет скопјанец, пак, на 24 март во 23:50 часот не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, па со патничко моторно возило Фолксваген голф се движел по локалниот пат од Кондово кон Сарај. При обид да биде контролиран од страна на полициски службеници, обвинетиот 29-годишник, не застанал и продолжил да се движи.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на двајцата обвинети да им изрече парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.

Обвинетите, двајца жители на Велес и двајца жители на Градско, не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот суд Велес му предложи на обвинетите да им изрече парични казни во висина од по 40 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.​​