Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Комбинацијата на лековите хлоркинин и азитромицин од денеска ќе се применува во Македонија

Комбинацијата на лековите хлоркинин и азитромицин, која се покажа ефективна во повеќе земји, од денеска ќе се применува за лекување на пациентите со коронавирус и во нашата држава.

„Комбинацијата којашто ја содржи лекот хлоркинин и азитромицин, која се покажа ефективен во повеќе земји, ќе биде аплицирана на пациентите коишто се лекуваат кај нас и во болничките и домашни услови по соодветна индикација од лекарот – заради тоа што е потребна прво проценка на клиничката состојба поради тоа што се дава кај одредена група, не кај сите пациенти“, информира вчера министерот за здравство, Венко Филипче.

Хлорокинот се користи во третманот за маларија од 1930 години. Сумамед (азитромицин) таблетите, пак, се користат во терапија на инфекции на горните респираторни патишта, долните респираторни патишта, кожата…

Вкупната бројка на дијагностицирани со коронавирусот во Македонија досега е 148 лица од кои едно е излекувано и две се починати. Според местото на живеење, досега случаи со Ковид-19 се регистрирани 88 во Скопје, 40 во Дебар, од коишто 1 лице е починато, Куманово 8, од коишто 1 лице е починато, Штип 7, Кавадарци 2, Охрид 2 и Гостивар 1 пациент.

На Инфективната клиника во моментов има 29 пациенти коишто се лекуваат стационарно. Од нив, една пациентка е во тешка општа состојба на респираторна машина, без промена во нејзината клиничка состојба во изминатите денови. Шест пациенти се со потешка клиничка слика, но сè уште респираторно самостојни, не им е потребна вентилаторна поддршка.