23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Вучиќ и Тачи во Вашингтон добиле план за конечен договор и закани со санкции доколку не потпишат?

На косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белата куќа им бил претставен предлог-финалниот договор за разрешување на косовското прашање, пренесува Б92 повикувајќи се на косовските медиуми.

Според извештаите на медиумите, договорот има две опции, корекција на границите или „Заедница плус“, со специфични барања на Србија – опција која според изворите ја фаворизираат американските посредници, пишува „Бота Сот“.

Овој медиум наведува дека другите детали од состанокот во Вашингтон покажуваат оти оваа фаза на преговори ќе биде динамична, слично како во Рамбује, при што на страните ќе им бидат понудени само две опции, со предлог „земи или остави“, што е спротивно на виенските преговори што траеја околу две години.

„Бота Сот“ пишува дека граничната корекција или Заедница плус се двете опции понудени на првиот состанок одржан пред два дена во Вашингтон, на кој присуствуваа косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Според наводите, од Србија не се бара да престане со кампањата за повлекување на признавањето до јуни годинава. Исто така, јуни годинава е крајниот рок за постигнување договор меѓу Косово и Србија.

Форматот за разговорите за конечниот договор ќе биде на ниво на претседатели, со тимови кои тие самите ќе ги бираат. На двете страни исто така им била понудена можност да се сретнат со американскиот претседател Доналд Трамп, но ова е одложено додека страните не се близу до договор, пишува „Бота Сот“.

Медиумите наведуваат дека на средбата на Тачи и на Вучиќ им било кажано дека „страната која не сака да го потпише договорот, ќе добие повеќекратни санкции од САД“.

Тачи на конференција за медиумите изјавил дека на средбата во Белата куќа имало драматичен пресврт и дека Америка конечно го презела под свое дијалогот меѓу Србија и Косово кој сака да го заврши во краток рок./Makfax