24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Хрватите со „потсечени крилa“, Италијанците ќе им го чуваат небото?

Од долгоочекуваното купување борбени авиони кои би го чувале хрватското небо сè уште нема ништо, па Загреб ќе побара помош од една од соседните земји да ја преземат таа улога, пренесува „Вечерњи лист“.

Имено, по фијаското со купувањето израелски авиони, со што не се согласија Американците, хрватската влада почна нов процес за набавка на борбена ескадрила, но без многу успех, Така, хрватскиот министер за одбрана потврди дека оваа влада, која има мандат до наесен, нема да потпише нови договори, ниту е реално тоа да биде сторено во догледно време.

Хрватска нема пари за набавка на најновите авиони што ги нудат Американците, а кога станува збор за половни авиони, се јавуваат многубројни проблеми. Во цената треба да се калкулира и обуката на пилотите и набавката на резервни делови, па на крај тоа може да излезе поскапо од купувањето нови авиони.

Најнезадоволни од ситуацијата се припадниците на военото воздухопловство, кои се свесни дека сегашните авиони „миг 21“ ќе можат да ги користат уште најмногу три години.Идната набавка на авиони ќе зависи од состојбата на буџетот, па прашање е дали новите авиони воопшто ќе стигнат до 2023 година, кога „миговите“ одат во пензија. Ако тоа не се случи, што засега е најизвесно, хрватското небо ќе биде препуштено на чување на некоја од соседните земји што има капацитети за тоа, најверојатно Италија./Makfax