11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Pixabay
СВЕТ

Руските региони ја затворија границата со Кина, во Москва воведена контрола на хотелите

Руските региони кои граничат со Кина воведуваат дополнителни безбедносни мерки за да го избегнат ширењето на новиот вид коронавирус, пренесува ТАСС, повикувајќи се на регионални власти.

Повеќето гранични премини на рускиот Далечен Исток се привремено затворени на 24 јануари поради кинеската Нова година, и иако требаше да се отворат граничните премини на 30 јануари, паузата ќе трае до 1 февруари, во договор со кинеската влада.

Официјални лица привремено го отворија преминот за 194 руски туристи, 17 кинески државјани со дозвола за престој во Русија и двајца етиопски државјани кои се вратиле од Кина во Благовјешченск, Русија.

Во моментов функционираат само железничките гранични премини во рускиот Поморски Регион, соопшти Царинската служба за агенциите.

Во исто време, хотелите и туристичките места во Москва се ставени под специјална контрола поради епидемијата на коронавирусот во Кина, напиша во својата објава градоначалникот на Москва,Сергеј Собјанин.

Руската амбасада во Кина ги повика руските државјани да останат мирни среде ширењето на епидемиите, се вели во соопштението од таа мисија на нејзината веб-страница.

Во соопштението се вели дека амбасадата е во близок контакт со надлежните кинески агенции на национално и локално ниво.

Руските дипломати ветија дека ќе ги известат Русите во случај да добијат нови информации во врска со ситуацијата./Makfax