14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во Аушвиц околу 200 преживеани се сетија на ослободувањето пред 75 години

Преживеани заробеници од Аушвиц, логорот на смртта каде нацистите извршиле геноцид во Втората светска војна, се собраа денеска за да ја одбележат 75-годишнината откако Црвената армија го ослободила кампот.

Повеќе од 200 преживеани, од кои најмногу Евреи, дојдоа на церемонијата од Израел, САД, Австралија, Перу, Русија, Словенија и други делови на светот, а во Полска денес се и многумина кои ги загубиле своите родители и предци во Аушвиц или други нацистички кампови, пишува АП.

На комеморацијата, предводена од полскиот претседател Анджеј Дуда и лидерот на Светскиот еврејски Конгрес, Роналд Лаудер, присуствуваат светски официјални претставници, меѓу кои и израелскиот претседател Рувен Ривлин, српската премиерка Ана Брнабиќ, словачката претседателка Зузана Чапутова, претседателите на Австрија и Германија, Александар ван дер Белен и Френк Валтер-Штајнмаер, словенечкиот претседател Борут Пахор, белгиската премиерка Софи Вилмс, бугарскиот премиер Бојко Борисов, хрватскиот Андреј Пленковиќ и на Чешка, Андреј Бабиш.

Евреите биле најбројни меѓу 1,1 милиони луѓе кои загинале во нацистичките логори на смртта, но имало и Полјаци, Руси, Роми…

Во пресрет на комеморацијата, преживеаните, потпирајќи се на своите деца и внуци, прошетаа наоколу сеќавајќи се на местата каде биле донесени и каде преживеале страшни мачења.

Некои од нив изјавија дека дошле во Аушвиц за да се сетат на минатото, да ја споделат својата судбина со другите и да покажат пркос кон оние што сакале да ги уништат.

„Нема гроб на кој би отишла, но знам дека моите родители умреа и изгореа овде. Доаѓајќи во Аушвиц, им оддавам почит“, рече Ивон Енглман, 92-годишна жена која дошла дури од Австралија./Makfax

Спонзорирано: