24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Утврдена владината програма за одбележување на 11 Октомври

Свеченостите по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври, Денот на народното востание, ќе се одржат во Прилеп, Куманово и Скопје.

Содржините за одбележување на 78-годишнината од Денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе почнат со положување свежо цвеќе на спомен-костурницата.

Владината делегација во Куманово ќе ја предводи претседателот на Владата, Зоран Заев, заменик-претседателот во владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Покрај другите содржини, во рамките на свечената програма за одбележување на државниот празник 11 Октомври, Денот на народното востание, во Куманово е предвидено и обраќање на премиерот Заев.

Во Прилеп, каде што свеченостите за одбележување на празникот ќе се одржат пред споменикот на Методија Андонов-Ченто и пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на непобедените.

Делегацијата на Владата во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан.

Празничните активности во Скопје ќе почнат со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, а владината делегација во главниот град ќе ја предводи заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, и членови на владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Собранието на Република Северна Македонија по повод доделувањето на високата државна награда „11 Октомври“.

На сите свечености по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври се поканети членови на Сојузот на борците, дипломатскиот кор во нашата земја и претставници на општествените и граѓанските организации во земјата./Makfax