14.8 C
Скопје
15. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Хрватска е вознемирена од смртта на 18-годишниот Кристијан кој заврши во затвор, наместо во болница

Кристијан Вукасовиќ имаше 18 години и ментални потешкотии. Самиот се пријави во полицијата откако предизвика пожар, по што беше осуден на осум месеци затворска казна. Денес е мртов.

Почина пред неколку дена од страв и психичко растројство, откако три недели ги помина во кома во болница во Сплит, каде беше донесен од сплитскиот затвор, пишуваат хрватските медиуми кои истакнуваат дека на Кристијан не му било местото во затвор, туку на психијатриско лекување.

Билјана Пухариќ, општинската државна адвокатка од Сплит, за порталот „Индекс.хр“ истакна дека Кристијан имал ментални, но не и интелектуални потешкотии и бил пресметлив, па затоа не можел да биде упатен во здравствена установа, иако за време на престојот во затворот три пати бил хоспитализиран.

Зошто бил хоспитализиран, не сакаа да одговорат за „Индекс“ од Министерството за правда, наведувајќи дека се работи за професионална тајна. Од друга страна, од Министерството тврдат дека кон младиот човек во затворот во Сплит се однесувале со големо внимание бидејќи се работело за млад полнолетник.

Експертите во земјата се згрозени од фактот што младиот човек со метални потешкотии завршил зад затворски решетки, наместо на лечење.

„Ако од болницата велат дека Кристијан имал суицидно однесување, тогаш требало да се донесе одлука за примена на итно прихијатриско лечење под надзор. Драконската казна во овој случај од 8 месеци затвор за лице со посебни потреби е уште еден од низата докази дека нешто не е во ред со правосудството“, вели психијатарот Херман Вукушиќ за „Индекс“.

Тој додава дека пироманијата како нарушување налага посебен пристап, со оглед на тоа што тешко се лечи.

Детскиот и адолесцентски психијатар Весна Видовиќ коментира дека во случајот потфрлил целиот систем.

„Ако имате лице со таква дијагноза, а особено ако се работи за 18-годишно лице, тогаш тоа е адолесцент и не може да се смета за зрела особа“, вели таа.

Судијата Лана Пето Кујунџиќ од Загреб рече дека на сите млади лица треба да им се суди пред судови за млади луѓе, а на болните лица потребна им е помош преку здравствениот систем, а не во затвор.