17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Поранешниот претседател на Киргистан обвинет за убиство на војник од специјалните сили

Бројни тешки обвиненија се поднесени против поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбајев, вклучително и за убиство на војник на киргистанските специјални сили, изјави началникот на Одделот во канцеларијата на државниот јавен обвинител на Киргистан, Замир Бејшекеев, пренесува ТАСС.

Според Бејшекеев, поранешниот претседател е обвинет и за употреба на сила против полициски службеници, организирање масовни немири и за држење заложници.

Операцијата на киргистанските специјални сили за приведување на поранешниот претседател, обвинет за корупција и лишен од имунитет, траеше скоро 24 часа бидејќи полициските службеници се соочија со силен отпор од приврзаниците на Атамбајев, кои ја бранеа неговата резиденција во населбата Кои-Таш.

Во операцијата е убиен војник на специјалните сили, додека над 100 лица се здобиле со повреди. Киргистанскиот претседател Соронбај Јенебеков рече дека Атамбајев го прекршил уставот на земјата, давајќи вооружен отпор на агенциите за спроведување на законот. Поранешниот претседател е во притвор каде ќе остане до 26 август.

Атамбајев беше киргистански претседател во периодот од 2011-2017 година. Тој беше првиот шеф на државата што се повлече од функцијата по истекот на мандатот.