20.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стоилковски: За да се разоткрие рекетарската мрежа, надлежните мора да влезат во СЈО

Русковска-обвинителството ја прави јавноста недоветнa, рече Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција, додавајќи дека две недели по отворањето на случајот „Рекет“, уапсени се само Боки 13 и Кичеец, иако, како што рече, сите знаат дека висок обвинител на звучник учествувал во изнудата и во рекетот.

„Што знае Катица Јанева за Зоран Заев и неговите крими-соработници, па Јавното обвинителство не смее да ја осомничи и да ја приведе Јанева? Што уште треба да се случи за Русковска-обвинителството да влезе во СЈО на Катица Јанева и да изврши претрес?“, јавно запраша портпаролот на опозициската партија.

Стоилковски на пресот се осврна на, како што рече, трајното бришење на компјутерите во СЈО со цел безбедносно отстранување евентуално зачувани разговори.

„Ова значи дека со налог на Катица Јанева неповратно се избришани информациите за сообраќајот – т.е. кој, кога и што работел на тие машини, на тие компјутери“, посочи тој прашувајќи дали со одложувањето на акцијата на Русковска се купува време за Катица Јанева да избрише докази или да влијае врз сведоци.

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, сите индиции покажуваат дека, покрај Катица Јанева, веројатно речиси цело СЈО знаело за рекетарските активности, кои сега, како што рече, на секаков начин се обидуваат да ги избришат.

Стоилковски порача дека за да биде разоткриена рекетарската мрежа, доволно е само да се испита невладината организација на Боки 13 и да се влезе во СЈО.