8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во трката со бикови во Шпанија повредени петмина луѓе

Пет лица се повредени во првата трка со бикови на познатиот фестивал во шпанскиот град Памплона, објави РТВЕ, повикувајќи се на информации од тамошните болници.

Сите петмина повредени биле веднаш хоспитализирани. Тројца од нив биле повредени од роговите на биковите, а останатите двајца имаат потрес на мозокот.

Меѓу повредените е и 23-годишен Американец од Кентаки, кој претрпел најтешки повреди, се вели во извештајот.

Трката по тесните улици на средновековниот град до арената траела две минути и 41 секунда, објавија локалните медиуми. На фестивалот се одржуваат вкупно осум вакви трки.

Контроверзниот фестивал Сан Фермин беше отворен пред неколку дена. Илјадници луѓе, традиционално облечени во бела и црвена боја, го следеа лансирањето на ракетата која точно напладне беше испалена од балконот на градското собрание.

Неколку демонстранти од здруженијата за заштита на животните ПЕТА и „Анимал натуралис“ протестираа против фестивалот пред градското собрание. Таквите протести се одржуваат редовно во изминатите 16 години, пишува весникот „Ла Вангардија“.

Фестивалот на кој, осум дена по ред, шест црни борбени бикови трчаат по тесните улички на градот кон арената, е посветен на заштитникот на градот свети Фермин, а се одржува од 1591 година.