14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација
СВЕТ

САД испраќаат 1.000 војници на Блискиот Исток

САД ќе испратат речиси илјада војници и воена опрема на Блискиот Исток како одговор на заканата од Иран. Патрик Шанахан, вршител на должноста министер за одбрана на САД, потврди дека одобрил префрлање околу илјада војници за одбранбени цели поврзани со закани од воздух, море и од копно на Блискиот Исток.

Според него, мерката е во прилог на безбедноста на веќе присутните воени служби и заштита на националните интереси на САД во регионот. Тој додаде дека САД вршат мониторинг на теренот и може да донесат одлука за раширување на военото присуство во зависност од разузнавачките извештаи и кредибилните закани.

Пентагон објави нови снимки за зајакнување на обвинувањата дека Иран бил одговорен за нападите врз два танкера за нафта минатата недела во Ормускиот Залив. Повеќето од снимките биле направени од американски воен хеликоптер и на нив се прикажува како иранските сили отстрануваат неексплодирана мина од јапонскиот танкер. Според Вашингтон, станува збор за отстранување на доказите од местото на настанот.

Иран се наоѓа под строги санкции наметнати од САД кога Вашингтон истапи од Заедничкиот продлабочен план (ЈЦПОА) или таканаречаниот нуклеарен договор склучен меѓу Иран и петте постојани членки на ОН плус Германија. Експертите сметаат дека САД и Иран влегуваат во конфликт, особено по вчерашното соопштение од иранско официјално лице дека Техеран ќе ги намали обврските кон ЈЦПОА и ќе почне со збогатување на ураниум за изградба на атомска бомба.