17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Женева ги забранува возилата што создаваат голема бучава

Во Женева се подготвуваат да воведат казни за оние возачи чии автомобили прават голема бучава. Од женевската градска општина велат дека ваквите возачи ќе бидат регистрирани со специјални радари.

Градските власти имаат намера до средината на оваа година да воведат задолжително допуштено ниво на звукот на автомобилите, камионите и мотоциклите. Активистите ги повикуваат градските власти бучавата да ја ограничат на 80 децибели, односно звучност што ја произведува машината за перење алишта.

Бучавата е вториот најчест облик на загадување во овој швајцарски град, а градскиот советник Делфин Клофштајн од партијата на зелените смета дека радарскиот уред кој ќе регистрира преголем звук и кој ќе го сними возилото нема да биде скап.

Развојот на уредот од технички причини може да потрае некое време затоа што таквиот радар ќе мора да ги разликува разните видови возила, објаснува Делфин.

Досега неколку европски градови се борат против преголемата бучава во сообраќајот. Повеќето од нив тоа го прават со ограничување на брзината и нанесување асфалт на улиците направени од камени плочки.