26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
facebook
СВЕТ

Столтенберг: НАТО нема да поставува нови нуклеарни ракети во Европа

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, повика денеска во Варшава, Русија да го почитува договорот за ракети со краток и среден дострел (ИНФ) и изјави дека НАТО нема да одговори на ваквите прекршувања со распоредување на нови нуклеарни ракети во Европа.

„Мораме да бидеме подготвени, да планираме свет без ИНФ договор. Можам сосема сигурно да кажам дека нашиот одговор ќе биде балансиран и координиран во рамки на целата алијанса. Немаме намера да распоредиме нови нуклеарни ракети во Европа“, рече Столтенберг по разговорот со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Генералниот секретар на НАТО предупреди дека Русија веќе го крши договорот ИНФ, бидејќи распоредува свои мобилни ракети и повика Москва да се придржува до спогодбата која важи уште од времето на Студената војна. Столтенберг порача и дека овој договор претставува една од основите на безбедноста на Европа.

Генералниот секретар на НАТО, кој во Полска пристигна денеска на одбележувањето на 20-годишнината од влезот на оваа земја во Северноатланската алијанса, разговараше со полскиот претседател Дуда, не само за зајакнување на источното крило на НАТО, туку и за придонесот на Полска во НАТО мисиите во странство.