12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

Мајка и ќерка обвинети за убиство на петмина роднини во Пенсилванија

Мајка и ќерка се обвинети за убиство на петмина родинини со кои живееле во ист стан во Пенсилванија, САД. Од морничавиот настан се спасил само осмиот станар во куќата на стравот, 17-годишното момче Џошуа, кој престојувал кај пријатели.

Случајот бил откриен кога социјален работник дошол да го посети семејството. Тој тропал на вратата, но откако никој не му отворил, со полициска асистенција било влезено внатре. Надлежните биле шокирани од глетката. Сиот стан бил во неред, скршено стакло имало насекаде, мебелот бил превртен, а во спалната соба биле пронајдени пет мртви тела. Една жена и тинејџерка биле пронајдени на креветот, се уште биле живи, но дезориентирани. Тие имале повреди на вратот и веднаш биле пренесени во болница.

Иако првично тврделе дека непознати лица влегле во станот и го извршиле убиството, подоцна ја смениле својата изјава. Сепак полицијата утврдила дека мајката Шана Декри(45) и нејзината ќерка Доминик (19) најверојатно ги убиле своите петмина роднини со кои што заедно живееле. Тие се обвинети за кривично дело убиство и едно обвинение за заговор за смртта на нивните роднини.

Шана пред полицијата тврдела дека сите во станот зборувале за самоубиство и дека сакале да умрат. Мајката е обвинета за смртта на нејзините деца Налрах (25) и Дејмон (13). Таа заедно со нејзината ќерка е обвинета и за смртта на својата сестра Џамила Кембел (42) и на нејзините ќерки близначки Ерика и Имани Ален (9).

Полицијата се уште ги истражува причините за убиствата. Нема други осомничени за настанот. Мајката и ќерката се наоѓаат во казнено-поправен дом.

Осмиот член на семејството кој живеел во станот, синот на на Џамила Кембел, не бил пронајден веднаш, но подоцна полицијата го лоцирала кај пријатели во Њу Џерси.