12.8 C
Скопје
11. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

За опозицијата не е доволна оставката на Котевски, бараат оставки од Заев и Дескоска

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го коментира физичкиот инцидент што пред два дена се случи во затворот Скопје и бара од премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска да поднесат оставки.

Според опозицијата, оставката на директорот на затворот, Ѓоко Котевски, е само блед обид за избегнување одговорност на нарачателите на линч врз екс-министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Целиот случај, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не смее да се заташка на овој начин, а одговорните мора веднаш да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Зоран Заев и Рената Дескоска да не бегаат од одговорност и да си поднесат оставки. Само така ќе се спроведе независна истрага која ќе резултира и со кривична одговорност за нарачателите“, децидно е ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата додава дека е недозволиво за една земја која претендира да биде член на Европската Унија да затвора и тепа политички неистомисленици. Со ваквиот чин, според ВМРО-ДПМНЕ, власта ја враќа Македонија во црните времиња на комунизмот и едноумието и ја става во рангот на тоталитарни режими како Северна Кореја.