17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Еден пријавен на огласот на СДСМ за претседателски кандидат

На огласот на СДСМ за кандидат за претседател на државата, кој завршува денеска, стигнала само една пријава, потврдуваат од партијата. Станува збор за амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој јавно ја објави својата кандидатура. Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, вели дека ова е принцип на самокандидирање, а дека до одржувањето на конгресот на 3 март и општинските организации имаат можност да предложат кандидати.

„По принципот за самокандидирање имаме само еден кандидат, мора да ја оставиме и таа можност. Но кандидати може да предложат и општинските организации до денот на одржување на Конгресот, но не и на самиот Конгрес“, вели Костадинов.

СДСМ бара четири критериуми од кандидатите – да е личност со висок општествен углед, да биде способен за извршување на високи државнички функции, да ужива доверба на членството и симпатизерите на СДСМ, како и да биде личност која на најдобар начин ќе ја оживотворува политиката на СДСМ и ќе работи на реализација на стратешките приоритети на Македонија – полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и меѓународна афирмација и промоција на државата.

Паралелено со овој процес, течат преговорите меѓу премиерот Заев и другите партии за консензуален претседателски кандидат. Денеска Заев одржува средби со Африм Гаши и Мендух Тачи, а вчера се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кого се договорија да продолжат преговорите во внатрепартиските органи. Конечната одлука за претседатеслкиот кандидат, најверојатно, ќе се знае во текот на следната недела.