3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Концерт на Том Одел oваа среда во МКЦ

Музичката сензација на новата генерација, вонсериски талентираниот и наградуван британски кантавтор Том Одел, кој во моментот е на светска турнеја на која го промовира својот трет студиски албум Jubilee road, ќе го видиме првпат во живо, и тоа во Скопје, оваа среда, 13 февруари, во МКЦ.

Том Одел вниманието на јавноста го сврте уште со својот прв албум Long Way Down во 2013 година. Лили Ален го спореди со Дејвид Боуви, а Тејлор Свифт изјави дека е негов голем фан. Следната 2014 година година Том Одел добива и награди за авторско достигнување, меѓу кои и „Брит“, „Критик Чојс“, но сепак најголемата награда за неговата работа стигнува од публиката – повеќе од успешни настапи на некои од најголемите светски фестивали: „Гластонбери“, „Коачела“, T In The Park, „Сигет“, „Егзит“, како и распродадени шоуа во светот, што се потврда дека и со сите негови песни успева да допре до публиката и дека е на вистинскиот пат да стане голема музичка ѕвезда.

Промоцијата на третиот албум Jubilee road, кој излезе во октомври минатата година, ја почна со објавување на синглот If you wanna love somebody, а потоа следуваше и со видеозапис за него, а на одлична реакција наиде и песната Half as good as you, која ја сними со својата долгогодишна пријателка и соработничка, популарната Alice Merton.

Неодамна објави и уште еден видеоспот, со кој публиката ја запозна со новиот албум Jubilee road. Станува збор за песната You are gonna break my heart tonight.

По распродадените концерти во Северна Америка и Канада, Том Одел се врати во Европа, каде што прва станица му беше Глазгов, а потоа следуваа два распродадени концерта во Белфаст и Даблин. Во почетокот на ноември минатата година, по 12 концерти во Англија, турнејата се пресели во Германија и во другите земји во Европа, како Франција, Полска, Чешка, Белгија, Литванија, Латвија, Финска, Русија, Украина, Словенија, Хрватска, Србија, Унгарија, Бугарија, Романија, Македонија и Турција.

Скопскиот концерт на Том Одел ќе го отвори Том Спејт, а билетите може да се набават исклучиво преку продажната мрежа на „Авалон“ во Македонија и онлајн на www.avalon.mk.

Спонзорирано: