7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Берлинале се подготвува за Петрунија, закажани 8 проекции на македонскиот филм

Во Берлин речиси сè е подготвено за отворањето на 69. издание на Берлинскиот филмски фестивал, на кој светската премиера во официјалната конкуренција за наградата „Златна мечка“ ќе ја има македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска. За време на фестивалот се закажани 8 проекции на македонскиот филм, а билетите се веќе распродадени.

Фестивалот секоја година привлекува повеќе 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари, а за филмската индустрија и медиумите, овие 11 денови во февруари се воедно и едни од најважните настани во годишниот календар.

На Булеварот на ѕвездите (Allee der Sterne) од минатата недела веќе се поставени и огласни табли со официјалниот постер на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а првата премиера ќе биде прикажана на 10 февруари од 16 часот пред повеќе од 1800 посетители меѓународна публика.

Првите се закажани уште пред официјалната премиера на 7 и 9 февруари, кои се ексклузивни затворени проекции организирани од страна на францускиот агент за продажба „Пирамид“ за заинтересираните купувачи, додека на денот на премиерата, 10 февруари, филмот прво ексклузивно ќе биде прикажан пред новинарите, по што ќе следи и официјалната прес-конференција со екипата на македонскиот претставник за „Златната мечка“.

На 12.02, нашиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан и во локалното кино b-ware! Ladenkino, во рамки на специјалните прикажувања Berlinale Goes Kiez, кои имаат за цел да го доближат Берлинале до локалните уметнички кино сали во Берлин. На овој начин фестивалот им оддава почит на кино-салите кои ја поддржуваат кино-културата во текот на целата година. Во исто време, преку овие специјални прикажувања на публиката ѝ се дава можност да ја проследат селекцијата на Берлинале во нивната локална населба, но и да разменат мислења и коментари со авторите на филмот (Kiez на германски значи „населба“, „маало“). Дополнително прикажување е закажано и на денот на затворање на фестивалот, на 17 февруари во Haus der Berliner Festspiele.

На 12 февруари, со почеток од 14 часот, во HAU2 театарот, кој се смета за центар на светот на талентите, сестрите Лабина и Теона Митевски ќе одржат и свој „Мастер клас“ во рамки на програмата Berlinale Talents.

Публиката ќе биде сочинета од вкупно 200 „таленти“ во филмската индустрија и останати филмски работници кои го следат Берлинале, а мастер-класот ќе биде модериран од страна на филмски куратор Џамила Грандитс, кој се приклучува од Виена специјално за овој настан.

Во однос на темата, мастер-класот има за цел да фрли светлина на начините на кои Стругар Митевска ги развива своите филмови, а со оглед на тоа што публиката е сочинета од врвни професионалци, со публиката ќе се разговара и за многу специфични детали околу снимањето, мотивот и личната инспирација за филмот, но исто така ќе се презентираат и практични примери од најдобрите или најлошите случаи со кои се соочиле авторите, актерите и продуцентите во текот на својата работа.

Во Брлин ќе присуствива и актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку.

На денот на премиерата екипата ќе приреди и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе биде македонскиот бенд „Фолтин“.