18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ниту еден суд во Македонија нема ознаки со Брајово писмо

Пет од десет суда во Македонија немаат лифтови што би можеле да ги користат лицата со попреченост, а во три од судовите лифтовите не се функционални за користење, покажа истражувањето на коалицијата „Сите за правично судење“.

Првичните резултати од истражувањето на граѓанската организација покажаа дека сите лица со попреченост се соочуваат со тешкотии во поглед на пристапноста до судот и до правдата, со што им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови како за сите во согласност со законите и меѓународните прописи.

Податоците се добиени од 16 набљудувачи, кои моментно спроведуваат мониторинг на граѓански судски постапки од аспект на правниот, финансискиот и физичкиот пристап до правда во 10 oсновни суда.

Сите десет суда, кои биле предмет на ова истражување, се наоѓаат во објекти во кои може да пристапат лица што се движат со помош на количка. Пет од судовите (Струга, Охрид, Скопје 2, Прилеп и Струмица) се сместени во објекти каде што нема потреба од пристапни рампи (влезот во нив е на едно ниво), а другите пет суда (Велес, Битола, Гостивар, Тетово и Штип) имаат изградено пристапни рампи за влез во објектите.

Иако зградите на судовите се пристапни од надвор, три од судовите – ОС Скопје 2, ОС Струга и ОС Струмица – немаат судници на приземјето, а во два – ОС Гостивар и ОС Охрид – на приземјето има само една судница, која се користи само за конкретна намена – судења на прекршоци.

Само судовите во Струга и Битола имаат лифтови за пристап до катовите на објектот, а три од судовите – ОС Скопје 2, ОС Гостивар и ОС Охрид – иако имаат лифтови, тие не се функционални.

Ниту еден од судовите нема ознаки на Брајово писмо ниту, пак, тактилни ленти за слободно и самостојно движење и навигација на лица со оштетен вид низ судовите. Поради тоа, иако објектите на судовите се пристапни од надвор, речиси половината од судовите, предмет на ова истражување, немаат соодветен пристап до своите простории и услуги за лица што се движат со помош на инвалидска количка ниту, пак, имаат соодветни услови за движење низ самите објекти.

(Makfax)