17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Лажна била веста дека Филипче ја вакцинирал внуката

Од министерството за здравство пристигна демант, назначен до социјалните медиуми и од таму обвинија некои медиуми дека шират лажни вести во врска со вакцинирањето на внуката на министерот за здравство Венко Филипче.

– Илина е премногу мала и не може да биде вакцинирана против морбили, велат од Министерството за здравство.

„Мојата внука е мала и не може да биде вакцинирана од МРП вакцината. Но, јас како дел од здравствените работници ги уверувам сите граѓани дека вакцините се безбедни. Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден, и тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Демантирам дека иглата при вакцинацијата била со капаче. Станува збор за еден адаптер кој се надоврзува на шприцот. Поради тоа на фотографијата не се гледа иглата на вакцината“, вели министерот Филипче.

„На социјалната мрежа Фејсбук, министерот Филипче објави информација и фотографија како ја вакцинира внуката со вакцина од редовниот календар на имунизација, со цел со неговиот личен пример да и покаже на јавноста дека вакцинацијата е вистински чекор во заштита од заразните болести“, објаснуваат од министерството од каде ја пренесуваат и изјавата на Филипче во врска со овој случај.

Инаку Министерството, истовремено упати апел до граѓаните да ги проверуваат вестите кои се пласираат во дел од медиумите, бидејќи, како што велат, станува збор за лажни вести.

Нелоска од ВМРО ДПМНЕ: Скандалот со вакцините го претвори здравството во турска серија

Сериозни обвинувања од страна на Ленче Нелоска од ВМРО ДПМНЕ за Здравствениот систем во Македонија, за кој што таа тврди дека е во тотален хаос.

– Несомнено, скандалот со вакцините е дно на дното, доказ за аматеризмот и неспособноста на оваа власт, рече не прес-конференција Ленче Нелоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа оцени дека министерот за здравство, Венко Филипче и премиерот Заев во најмала рака се однесуваат скандалозно.

„Излегува на виделина дека има вакцини со изминат рок. Потоа, излегува министерот Филипче и вели дека вакцините не се со изминат рок, само имаат погрешна декларација. За сега да падне одлука – вакцините да се уништуваат“, кажа Нелоска која повика Филипче да излезе во јавност и да им објасни на граѓаните што прави со вакцините.

Претставничката на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека од целиот настан властите направиле турска серија, во период на прогласена епидемија на морбили.

„Човек да се запраша дали навистина промовирате вакцинација или не. Со вашето неадекватно однесување само праќате погрешни пораки, ја зголемувате несигурноста на и така вознемирените родители и правите непоправлива штета на здравствениот систем за кој сте Вие сте одговорен“, му порача Нелоска на Филипче.

Таа обвини и дека изминатава седмица, наместо да се занимаваат со епидемијата на морбили, како и скандалот со вакцините, министерот Филипче, премиерот Заев како и други претставници на власта, како што рече, биле впрегнати во лов на гласови од професорите на Медицински факултет во Скопје, со притисоци и уцени за да се изгласа комисија која ќе го избере за доцент пуленот на СДСМ.

„Небитно е што Законот за спречување на корупција вели дека тој како носител на јавна функција треба да се изземе од вакви комисии. Небитни се критериумите, небитна е автономијата на универзитетот за која што толку се бореа“, истакна Нелоска.