14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Весели: САД не побараа укинување на таксите

Претседателот на косовскиот парламент и лидер на владејачката ДКП, Кадри Весели, тврди дека САД од Приштина не бараат суспензија на одлуката за таксите на производите од Србија.

Весели рече дека САД не сака на таков начин да го загрози достоинството на косовската држава.

Тој за албанската „ТВ А2“ изјави дека таските не само што нема да бидат укинати туку и ќе бидат проширени.

„Подготвуваме реципроцитет кон Србија. Ако Србија продолжи со агресивното однесување, ќе ги прошириме мерките на сите области“, рече Весели, пренесе приштинската „Газета eкспрес“.

Таксите, како што рече, се воведени поради интересите на граѓаните и државата.

„Нашите стратешки и постојани партнери, САД, не побараа укинување на таксите бидејќи не сакаат да го загрозат достоинството на косовската држава. Нашите сојузници бараат од нас да водиме дијалог за да постигнеме конечен договор кој ќе доведе до признавање на независноста на Косово и членство во Обединетите nации“, рече Весели.

Според неговите зборови, Србија мора да биде свесна дека без признавање на косовската независност не може да се очекува укинување на 100-проценти зголемените такси.

Тој тврди дека Србија ги блокира производите од Косово и не ги признава косовските регистарски таблички и додава дека сѐ додека е така, ниту Приштина нема да ги признава српските регистарски таблички.