20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Груби – Брегу: За пристапување во ЕУ неопходно е владеењето на правото

За пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ првенствено е важно да се постигне владеењето на правото во земјите, на што во наредниот период треба поинтензивно да се работи. Ваков е заклучокот од средбата што ја остварија претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Артан Груби, и новиот генерален секретар на Регионалниот совет за соработка, Маљинда Брегу, која ја презема оваа функција на почетокот на оваа година.

На средбата Груби информира за најновите случувања во земјата, со посебен осврт на реализацијата на преспанскиот договор и усвојувањето на уставните измени во Собранието, со кој се надмина долгогодишниот спор со името со Република Грција, како и на минатогодишниот Договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, со што, како што рече Груби, потврдени се заложбите за негување на добрососедски односи со сите наши соседи, како важен предуслов за просперитет и развој.

Во однос на реализацијата на Охридскиот рамковен договор, Груби,посочи дека со влегувањето во сила на Законот за употребата на јазиците, се закружи целосната имплементација на Договорот, и дека во тек е зајакнување на административните и техничките капацитети за негова практична примена. За работата на Комисијата за европски прашања, истакна за поздравување е што во Комисијата се постигнува консензус за ЕУ прашањата, помеѓу опозицијата и позицијата.

Брегу, говорејќи за планираните активности на Регионалниот освет за соработка, чија главна функција е подготовка и креирање на развојни проекти и создавање политичка клима за економски и социјален развој на земјите од ЈИЕ, истакна дека таа како генерален секретар и понатаму ќе се залага за активно помагање на земјите во регионот за нивно приближување кон евро-атлантските структури.

Во тој контекст, истакна дека особено внимание ќе посвети на зајакнување на соработката на Советот со парламентите во регионот, како и за нивна меѓусебна соработка.