14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Здружението на педијатри ги поддржува мерките за вакцинација на децата

Здружението на педијатри на Република Македонија ги поддржува сите мерки што ги презема Министерството за здравство во однос на вакцинирањето на децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината, се вели во соопштението испратено од претседателката на ова здружение, проф. д-р Аспазија Софијанова.

Како што истакнува Софијанова, повикот е од особена важност за децата кои се во потенцијален ризик или се опкружени со лица во потенцијален ризик и истите треба да бидат веднаш вакцинирани со цел намалување на ризикот на, како што се вели, и така намалениот колективен имунитет.

„Со тоа се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници – морбили, кај децата и кај повозрасната популација. Со вакцинацијата се намалува ризикот од заболување од морбили, а со тоа и опасноста од можните компликации кои можат да бидат многу сериозни и смртоносни“, стои во соопштението.

Се додава и дека важноста на педијатарот во имунизацијата е исклучителна и единствена, бидејќи тој е компетентен во проценувањето на здравствената состојба на детето и е одговорен за навремено информирање на родителите во однос на здравствената заштита на детето и имунизацијата.

„Со вакцинирањето се спречуваат несакани грижи за здравјето на децата, а вакцините се безбедни и квалитетни“, наведува Софијанова во име на Здружението на педијатри на Република Македонија.

Спонзорирано: