14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кавадарчанецот што избоде жена на нива обвинет за обид за убиство

Кавадарчанецот што во јуни годинава избоде жена на нива во прилепско село ќе одговара за обид за убиство и за противправно лишување од слобода. Според информации од велешкото обвинителство, кавадарчанецот со возило ја одвел жртвата на нива, каде што ја избол со нож. По неколку часа ја одвел во куќа и ја оставил таму раскрвавена. По еден ден, со такси возило ја однел во село Сопот каде ја исфрлил од возилото. Жената била во бессознание.

„На обвинетиот кавадарчанец на возраст од 37 години му се става на товар дека на 6 јуни годинава најпрвин по телефон ја повикал оштетената да му се придружи на патувањето за Прилеп. Таа прифатила и обвинетиот ангажирал такси-возило, но со него наместо кон Прилеп се упатиле во правец на село Бегниште. Кога дошле до крајот на селото, тој ѝ рекол на оштетената да излезат од возилото и продолжиле да се движат пеш по блиските ниви. Во еден момент, обвинетиот извадил нож и со него ја прободел оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош, нанесувајќи ѝ со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот. Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама“, велат од Обвинителството.

По неколку часа тој се вратил и со помош на лице, кое сега е сведок во постапката, ја однел во неговата куќа и таму ја оставил, иако жената имала болки и крварења и го молела да ја однесе на лекар. Со ваквите дејствија, велат од Обвинителството, тој противправно ѝ ја ограничил слободата на движење.

Тој се вратил во куќата утредента, на 7 јуни, и на инсистирање и молба од оштетената со такси ја однел до село Сопот, во близина на куќата на нејзините баба и дедо, ја исфрлил од такси возилото во бесвесна состојба и таму ја оставил.

Истовремено со обвинителниот акт доставен е предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, бидејќи, како што велат од Обвинителството, сè уште постојат основите поради кои истиот е определен.

„Обвинетиот е пријател на оштетената и кривичното дело го сторил искористувајќи ја нејзината доверба и пријателство, што претставува околност која го оправдува стравот дека тој би можел да го повтори кривичното дело. Исто така, по извршувањето на кривичното дело, обвинетиот се криел во повеќе градови низ Македонија, честопати го менувал своето престојувалиште, што упатува на можност тој да се даде во бегство доколку биде на слобода. Во рамките на истражната постапка, обвинителството ја испитуваше евентуалната кривична одговорност и на други инволвирани лица, но до овој момент не се пронајдени докази кои упатуваат во таа насока“, велат од Обвинителството.