17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Харадинај: Вучиќ понуди признавање на Косово во замена за дел од територијата

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, со руска поддршка понуди Србија да го признае Косово доколку ѝотстапиме дел од нашата територија, наведе премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во авторски текст за „Вашингтон пост“ и додаде дека за Косово цената е превисока.

„Нема да го згазиме нашиот устав, да се откажеме од суверенитетот и да го уништиме територијалниот интегритет за Србија да признае нешто што веќе е факт“, наведе Харадинај и оцени дека Србија сака да создаде етнички чиста држава.

Харадинај ја обвини Србија дека ги крши меѓународните договори, вклучувајќи го Бриселскиот договор. Србија го блокира патот на Косово кон ЕУ, вели Харадинај и додава дека блокирано е и членството во меѓународните организации вклучително и Интерпол, а се лобира и против визната либерализација на Косово.

Тој оцени дека Србија долго го злоупотребувала косовскиот пазар и ги кршела одредбите на ЦЕФТА.

„Што е многу, многу е. Во името на фер трговијата, нацоиналната безбедност и нашите национални витални интереси, мојата косовска влада воведе такси од 100 проценти на српските производи“, напиша Харадинај.

Косовскиот премиер вели дека таксите ќе останат на сила додека Србија не престане да го поткопува суверенитетот на Косово и да се придржува до нејзините обврски.