Американската стопанска комора: Законот за личен доход се носи без јавна консултација

Американската стопанска комора (Ам чам) соопшти дека законот за личен доход се носи без јавна консултација.

„Законот е веќе ставен во собраниска процедура на 26 ноември на 66. пленарна седница по скратена постапка, со што воедно се скратува правото на заинтересираните страни да го изложат јавно своето мислење пред пратениците во Собранието. Сметаме дека со оваа постапка Владата ја продолжува штетната пракса на користење скратена постапка при носење важни закони што имаат огромно влијание врз економијата во Македонија, нешто што беше одлика на минатата гарнитура, без притоа да се почитуваат јавното мислење и ставовите на бизнис-заедницата. Со ваквото постапување на надлежните институции се нарушува партнерскиот однос меѓу приватниот и јавниот сектор“, се вели во соопштението на Американската стопанска комора.

Тие сметаат дека прогресивното даночење нема да го постигне посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, а ќе доведе до намалување на продуктивноста, вработливоста и развојот на висококвалификуваните кадри. Исто така, веруваат дека предложениот закон ќе ја намали даночната послушност и ќе ја зголеми сивата економија, при тоа ќе доведе до зголемена даночна евазија, отежнато прибирање на даноците и зголемување на трошоците и комплексноста на прибирање даноци. Додаваат и дека предложениот закон ќе има негативен ефект врз растот и развојот на македонската економија, одлив на капитал и намалени инвестиции, одлив на мозоци и дестимулација на иновативните паметни индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата.

„Ам чам, како и другите бизнис-асоцијации, смета дека ова не е погоден момент за воведување прогресивно даночење на личниот доход, особено не со предложениот зџакон кој е во собраниска процедура и не на начинот на кој се форсира предлог-законот со користење скратена постапка. Поради тоа, бараме одложување на реформата за прогесивното даночење, отворање широка јавна дискусија и дебата, како и вклучување на експертизата на претставници од бизнис-секторот во рамките на работните групи при подготовка на сеопфатна даночна стратегија и реформа која во исто време ќе придонесе кон зголемување на бројот на даночните обврзници, подобрено собирање на даноците, правична распределба на средствата и зголемена социјална еднаквост, без негативно да влијае врз севкупната економија и нејзиниот раст“, се додва во соопштението на Американска стопанска комора.