Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Здружението „Билка“ бара оставка од министерот за животна средина Садула Дураку

Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ – Скопје како здружение на граѓани што се залага и бори за зачувување и унапредување на животната средина бара итна и неотповиклива оставка од министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.

„Последната изјава на министерот Дураку дека тој не се занимава со граѓаните што решиле да тужат поради загадениот воздух е само последната капка што ја прелеа чашата. Ноторен факт е дека именуваниот министер е исклучително пасивен во својот ресор и граѓаните често погрешно мислат дека министер е Јани Макрадули, кој е заменик-министер, а не Садула Дураку. На граѓаните и нам како зелено здружение ни е потполно нејасно која е улогата на овој човек, освен бенефиции како министер, ниту можеме да го видиме неговиот особен придонес во заштита и унапредување на животната средина“, велат од Здружението.

Од таму посочуваат дека ова не е првпат Дураку да се однесува комплетно игноратнтно кон здруженијата на граѓани што се занимаваат со она што всушност самиот тој треба да се занимава.

„Поради тоа и поради фактот за речиси една и пол година како министер нема преземено никакви мерки во насока на заштита на животната средина во услови кога целата држава се задушува од загадениот воздух, а ресорниот министер не се занимава со граѓаните, бараме итна и неотповиклива оставка на министерот Садула Дураку. Доколку тој самиот не си даде оставка, инсистираме на тоа да биде разрешен. Сметаме дека нашата Република има видено и повеќе од доволно функционери што не се посветени на работата и не се достојни за функцијата на која се именувани“, велат од Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ – Скопје.

Спонзорирано: