24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Притвор за Груевски и да му се суди во отсуство за „Траекторија“, побара обвинителката Стефанова

На експремиерот Никола Груевски да му се суди во отсуство, а да биде издаден налог за притвор за предметот на специјалното јавно обвинителство „Траекторија“, побара обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова.

Полициската станица во Кисела Вода и Бирото за јавна безбедност го известиле судот дека обвинетиот Никола Груевски не е во Македонија. МВР стапило во контакт со унгарските служби, од каде што добиле потврда дека е на нивна територија.

Обвинителката Лиле Стефанова побара да му се суди во отсуство, а расправата за другите обвинети да продолжи во фаза на доказна постапка. Таа побара притвор за Груевски и да му се издаде потерница за овој случај.

Стефанова рече дека би било целисходно да се води единствена постапка со оглед на тоа што доказите се поврзани со сите обвинети.

Адвкатот на Груевски, Еленко Миланов, побара раздвојување на постапката за Груевски, а не судење во отсуство. Стефанова, пак, рече дека не постојат услови, ниту правни причини, постапката за Груевски да биде раздвоена. „Ако сакаше да присуствува, немаше да избега од Македонија“, рече обвинителката. Ако се врати, додаде таа, сите правни механизми му се на располагање.

Судот донесе решение со кое на Груевски ќе му се суди во отсуство.

Случајот „Траекторија“ се однесува на злоупотреби поврзани со изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и во него, освен Груевски, обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението што го поведе СЈО, тие му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за овој износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.