18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Иран ги предупреди САД дека неговите бази и носачи на авиони му се на домет

Kомандантот на Иранската револуционерна гарда го избра Денот на благодарноста за да ги предупреди американските бази во Авганистан, Обединетите Арапски Емирати и во Катар, како и носачите ба авиони на САД во Заливот дека се во досегот на иранските ракети, пренесува „Брејтбарт“.

Амирали Хаџизаде, шеф на воздухопловната дивизија на Револуционерната гарда, изјави во четвртокот дека иранските проектили се подготвени да одговорат ако САД користат воена сила против Техеран. Тој ги посочи американските бази и носачи на авиони како можни цели, именувајќи ги воздухопловната база „Ал Удеид“ во Катар, „Ал Дифра“ во ОАЕ и во Кандахар во Авганистан, во кои се наоѓаат силите на САД.

„Тие ни се на дофат и можеме да ги нападнеме ако Американците направат потег. Нашите проектили копно- море имаат опсег од 450 милји, а американските носачи на авиони ни се цели”, рече тој.

Иран вели дека неговата ракетна програма е дефанзивна, но се закани дека ќе ги прекине испораките на нафта преку Ормудскиот теснец во Персискиот Залив ако има каква било закана од САД за неговата трговија со нафта.

Минатиот месец, американскиот државен секретар Мајк Помпео го отфрли тврдењето на Иран да ги контролира транспортните рути во Персискиот Залив. Тој вети дека САД ќе продолжат да ја штитат слободата на навигација на овие меѓународни патишта. Американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, исто така јасно стави до знаење дека на Иран нема да му се дозволи да се меша во меѓународниот транспорт.