17.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Анѓушев-Сугарески: Пругата Битола-Кременица ќе биде завршена до крајот на годината, ќе има ново поврзување со Солун

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска извршија увид на градежните работи на железничката пруга Битола – Кременица, проект кој е во завршна фаза на реализација.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека станува збор за проект којшто е финансиран од ИПА фондовите како помош од ЕУ за Република Македонија.

„Ваквите проекти имаат двојна улога во економијата на државата, од една страна ја подобруваат инфраструктурата и даваат можност производената роба да има побрз пристап до пристаништето во Солун, исто така овозможуваат и побрз транспорт на граѓаните и подобра и побрза комуникација со соседните земји. Втората улога е што овие проекти го заживуваат градежништвото во Република Македонија, односно имаат сериозно влијание врз зголемување на БДП“, нагласи Анѓушев.

Министерот Сугарески потенцираше дека по цели 32 години повторно имаме железничко поврзување на Пелагонискиот регион со соседна Грција. Тој додаде дека пругата од Битола до Кременица е целосно завршена и изградена е целата траса.

„Во текот на овој месец ќе се врши инсталација на системот за сигнализација и други технички работи, така што до крајот на годината, согласно договорот, пругата ќе биде комплетно завршена. Знаеме колку железничката линија Битола – Кременица е значајна за Пелагонискиот регион, а за многу кратко време придобивките од нејзината изградба ќе ги осетат компаниите кои работат во овој дел на Македонија. Со оваа пруга ќе обезбедиме ново поврзување со Солунското пристаниште и брз и поевтин транспорт на стоки и услуги, не само за домашните, туку и за странските компании што ги користат нашите железници“, нагласи Сугарески.

Градоначалничката на Битола Петровска изјави дека овој капитален проект дава дополнителен инпут за стопанството во Битола и за севкупниот југозападен регион.