12.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Законот за спречување корупција и судир на интереси влезе во собраниска процедура

Во Собранието официјално почна постапката за донесување нов Закон за спречување корупција и судир на интереси. Овој закон обединува материја од два закона – Законот за спречување корупција и Законот за судирот на интереси, што всушност претставува и препорака на ГРЕКО да има обединета законодавна рамка за овие две тесно поврзани материи.

Министерката за правда, Рената Дескоска, даде образложение на предлог-законот во кој се инкорпорирани препораките на ГРЕКО, Извештајот на Прибе и Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија. Според министерката, станува збор за закон што е усогласен со она што значи правна рамка на Европската Унија. Корупцијата во овој закон се дефинира на ист начин како што е дефинирана во директивите на ЕУ.

„Главниот проблем што беше нотиран во Извештајот на Прибе и во Извештајот на ЕК беше прашањето околу изборот и составот на ДКСК, затоа што досегашнот начин на избор и состав на ДКСК, според постојниот закон, не гарантираше непристрасност и непартиско однесување на членовите на ДКСК“, истакна министерката.

Станува збор за комисија каде што се зголемени кретериумите за избор на членовите и претседателот на ДКСК. Веќе се дефинирани областите од коишто можат да бидат избрани членовите и претседателот на комисијата: правнички, политички, комуниколошки и економски науки, кои, според министерката Дескоска, се областите што нудат најдобри познавања на оние коишто би работеле со откривање или спречување корупција.

Покрај ова, како услов за избор, потребно е и дванаесет години работно искуство по завршувањето на високото образование, од кои осум во области на откривање или спречување корупција, или владеење на правото и доброто управување.

„Предлагаме да се воведе забрана лицата коишто ќе бидат членови или претседател на комисијата во последните 10 години да не биле пратеници, членови на влада, донатори на политичка партија или да не вршеле функција во органи на политичка партија. Се обидувме, покрај вакво ограничување, да се воспостават и формални механизми за учество на лица коишто тесно биле поврзани со политиката или биле активни во изминатите 10 години“, потенцира министерката Дескоска.

Предвиден е и транспарентен процес на избор на членови и претседател на ДКСК со учество на граѓанските организации и медиумите.

По објавениот оглас за членови и претседател на ДКСК, Собранието ќе објави оглас за здруженија на граѓани кои работат во областа на владеењето на правото, доброто управување и спречување корупција да се пријават да учествуваат нивните претставници во интервјуто на кандидатите, а ќе присуствуваат и новинарските здруженија, претставници од МАНУ и Интеруниверзитетската конференција со цел да се овозможи еден транспарентен процес во кој ќе бидат избрани овие лица. По интервјуто, кое ќе биде јавно, Собранието ќе ја има обврската да ги избере оние коишто се најдобри – сето тоа под будното око на јавноста.

Од Министерството за правда велат дека особено внимание е посветено и на контролата на финансирањето на политичките партии, донациите и изборните кампањи, кои ќе бидат под посебна лупа и на ДКСК, а не само на другите државни органи.