10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Со инвестирање во раниот детски развој, инвестираме во подобро општество

„Раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој на личноста. Ние се грижиме за секое дете и инвестираме токму во детската заштита, a со тоа и во подобро и попозитивно општество“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната тркалезна маса посветена на врсничкото насилство во училиштата.

„Однесувањето на децата во градинка, во училиште или на улица е најчесто слика на она што се случува дома. За да изградиме позитивни личности од нашите деца, секој од нас ќе треба да научи како да се однесува со нив. Многу ми е драго што МТСП е дел од кампањата на Уницеф за позитивно родителство, којашто е во тек, и истата треба да им помогне на родителите да научат родителски вештини. Љубовта кон нашите деца доаѓа природно, но родителството се учи“, рече Царовска.

За унапредување на соработката со родителите, во над 15 градинки низ Македонија веќе постојат советувалишта за родители. Целта на овие советувалишта е токму развојот на успешното родителство, а МТСП активно работи нивниот број да се зголеми.

Министерката истакна дека една од главните определби на владата е да се подобри детската заштита, со што застапеноста на децата во градинките за 4 години треба да достигне над 50 проценти. Ваквите резултати ќе се постигнат со градење нови капацитети во градинките, подобрување на предучилишните програми и јакнење на кадарот, за што веќе се на располагање 30 милиони евра од Светска банка.

МТСП во соработка со општините до крајот на годината планира да отвори вкупно 24 нови градинки, од кои 11 се веќе ставени во функција. За една година обезбедивме согласности за над 1 000 вработувања во градинките од кои поголемиот дел се на неопределено време.

На панел-дискусијата освен министерката Царовска, зборуваа и Бенџамин Перкс, претставник на Уницеф во Македонија, и детски психијатри. Настанот беше отворен со обраќање на Тања Поленак, претседателка на клубот „Инер Вил Скопје“ и со проекција на документарниот филм „Бел бес“ од Арто Халонен. Организатор беше клубот „Инер Вил од Скопје“, кој е дел од интернационалната мрежа на хуманитарни клубови.