18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Хан: 2025 година е реалистичен датум за влез во ЕУ

Датумот 2025 е индикативен, но ако се интензивира спроведувањето на реформите, тогаш е сосема реалистичен. Сепак, сите барања за членство мора да се исполнат пред некоја земја да се приклучи, нема скратен пат. Мотото е „квалитетот оди пред брзината“, вели еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во интервју за германскиот весник „Ди велт“.

За гласањето во парламентот со што почна постапката за измена на Уставот, Хан вели:

„Тоа беше многу важен чекор што го иницираше процесот на уставни промени. Благодарен сум на сите членови кои ги исполнија своите обврски и ги ставија интересите на земјата пред партиската политичка агенда. Ова особено важи за пратениците од главната опозициска партија, кои гласаа против партискиот став и за тоа се соочија со последиците, односно исклучување од партијата“.

Еврокомесарот додава дека Владата во меѓувреме ги доставила нацрт-уставните амандмани до Парламентот. Исто така, Хан наведува дека договорот за името сé уште мора да биде ратификуван во грчкиот парламент. „Убеден сум дека ова ќе успее бидејќи грчката Влада неодамна ја потврди својата поддршка“, вели Хан.

Хан во интервјуто вели дека името е важно затоа што го отвора патот за можното пристапување во ЕУ и НАТО, кој беше блокиран од Грција поради спорот за името 27 години. Во овој поглед, додава Хан, овој договор е историски чекор и единствена можност за Република Македонија да ја реализира својата евро-атлантска перспектива.

На прашање од какво значење би можело да биде решавањето на спорот за името за Западен Балкан, Хан вели дека тоа ќе испрати важен сигнал дека е возможно помирувањето во Западен Балкан.

„Во овој поглед, исто така, може да има ефект врз решавањето на конфликтот меѓу Србија и Косово, што на крајот ќе доведе до пробив во процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ“, додава Хан.

Тој вели дека земјите на ЕУ тврдат дека пристапот на земјите од Западен Балкан има смисла само доколку можат да бидат вклучени сите шест земји. Според Хан, решението за Македонија го прави ова сценарио многу поверојатно. Според него, на Балканот постои некаква позитивна конкуренција за тоа кој постигнува најбрз напредок. Како што вели, долго време Србија и Црна Гора беа т.н. предни тркачи во процесот на пристапување, но сега може да бидат Албанија и Македонија.