17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев со важна и моќна порака околу Преспанскиот договор

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претставници од Младите европски социјалисти (Youth European Socialists – YES), со кои разговарал за младинските политики, за идните цели и мерки за подобрување на животниот стандард на младите.

Како што информираат од владината прес-служба, заедно со домаќините од Социјал-демократската младина на Македонија, на средбата со премиерот Заев учествувале членови од Президиумот на YES кои доаѓаат од различни европски држави.

На неформалната дружба и дискусија со младите социјалисти и социјал-демократите, Заев потсетил дека една од главните задачи на Владата е да ги врати младите професионалци во земјата, за да придонесат кон пристапување во Европската Унија и да ја трансформираат Македонија во модерна и просперитетна земја.

„Остануваме посветени на енергијата на младите и ги поддржуваме во секој поглед. Нивните амбиции да ги споделат новите вредности можат да бидат придонес кон Европа, на која сите ние се стремиме, како еден од највлијателните фактори на глобално ниво“, истакнал премиерот.

Заев ги истакнал и преземените мерки со цел создавање на квалитетно образование.

„Создаваме нов модел на образование и на организирање на учениците и студентите, со што ја враќаме моќта на учениците и ја зацврстуваме автономијата на универзитетите“, рекол премиерот.

Прашан за регионалната политичка ситуација и улогата на Македонија во регионалната политика, Заев рекол дека Преспанскиот договор донел нова реалност во регионот на Западниот Балкан.

„Ние повеќе не може да игнорираме дека живееме во свет во кој сме насочени еден кон друг. Реално е дека ние мораме заеднички да ги градиме темелите на взаемно пријателство и взаемни напори за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во нашите земји и во регионот. Нашиот регион е дел од Европските заеднички вредности“, истакнал Заев и потенцирал дека политиките за едно општество за сите што ги спроведува македонската Влада креираат сигурност, правда и напредок.