5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Николовски и Заев на „Валандовска ракијада“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска заедно со претседателот на Владата, Зоран Заев, присуствуваа на манифестацијата „Валандовска ракијада“.

Оваа манифестација се одржува по 19-ти пат, а за прв пат оваа година е поддржана и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, соопштуваат од министерството, а целта на овој настан е тоа што го симболизира завршувањето на гроздоберот.

Министерот Николовски, ги информираше присутните за сумираните податоци за годинешното откупено грозје, како и за сегашните и идните мерки што ги презема МЗШВ за развој на лозарството.

„Откупени се близу 100 милиони килограми грозје, а се постигна и повисока откупна цена, од кои најголем дел од сортите смедеревка и вранец, но и други сорти. Оваа година се постигна и повисока откупна цена за грозјето. Конкретно просечната откупна цена на вранецот достигна 13,55 денари за килограм, а на смедеревката 12,28 денари за килограм. Ова е значајно да се потенцира ако ја имаме во предвид и дополнителната нова субвенција што ја донесе Владата за лозарите, како и континуираните мерки што ги преземаме“, изјави Николовски.

Тој додаде дека МЗШВ континуирано креира мерки и поволни услови за развој на лозарството. Така, со цел зголемување на рентабилноста на производството на двете најзастапени сорти, воведена е нова дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за смедеревка и вранец. За оваа нова дополнителна субвенција лозарите ќе можат да конкурираат до 25 декември годинава.