20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Адеми во Франфурт: Македонија е културна и книжевна средина

Во рамките на својата работна посета на најголемата книжевна манифестација во европски рамки, Саемот на книгата во Франкфурт, министерот за култура Асаф Адеми, денеска оствари средби со раководните структури на саемот, со директорот за меѓународна соработка, Тобијас Вос и со генералниот извршен директор, Јурген Бос.

На средбите, Адеми го изрази своето задоволство што Македонија веќе со години е присутна на Саемот и потенцираше дека оваа манифестација е убава можност, пред европската и светската културна јавност да се претстави богатството на една национална култура, актуелните културни политики на една држава, степенот на развој на издавачката дејност, но и другите потенцијали од економски, туристички и други аспекти.

„Република Македонија е современа културна и книжевна средина и презентацијата на авторите од Република Македонија и нивното творештво во меѓународни рамки е приоритет на Министерството за култура“, изјави Адеми.

На средбите соговорниците беа информирани дека во земјава се прават напори за олеснување на пробивот на авторите на меѓународниот пазар преку мерки како што е Конкурсот за странски издавачи. Воедно Адеми информираше и за заложбите да се ефектуира работата на посебната Агенција за книга која во иднина ќе се грижи за сите активности поврзани со литературната и издавачката дејност.

На средбите со директорот за меѓународна соработка и извршниот директор беа разменети повеќе размислувања околу искуствата и практиките кои овозможуваат ефикасна промоција на една држава на оваа голема меѓународна манифестација. Исто така беше изразен интересот за поголема соработка со германските издавачи и автори како и се разбира подготвеноста и интересот за државно претставување на Република Македонија во рамките на програмата „Почесни гости“ на Саемот на книгата во Франкфурт. Министерот изрази уверување дека Македонија и Министерството за култура би ги вложиле сите свои капацитети и можностите за едно достојно претставување на нашата држава на овој престижен саем.