24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Трамп им помагал на родителите да затајат данок, тврди „Њујорк тајмс“

Според наоди на истрагата што ја водел весникот „Њујорк тајмс“, претседателот на САД, Доналд Трамп, бил вклучен во даночна шема во која постоеле случаи на измама, каде што тој со своите браќа и сестри им помагал на родителите да избегнат плаќање милиони долари во даночни обврски, пренесува „Ројтерс“.

Според наодите на њујоршкиот весник, за кои Белата куќа тврди дека доведуваат во заблуда, Трамп од бизнисот со недвижнини на неговиот татко добил најмалку 413 милиони долари, пресметани со сегашната вредност на американската валута.

„Њујорк тајмс“ се повикува на голем број доверливи даночни документи и тврди дека најголем дел од парите се добиени од фактот дека Трамп им помагал на родителите да избегнат плаќање даноци, преку основање лажни корпорации со своите браќа и сестри, со помош на кои замаскирале милиони долари што им ги подариле на родителите, пренесува „Танјуг“.

„Ројтерс“ потсетува дека Трамп за време на претседателската кампања во САД себеси се претставувал како могул во секторот на недвижности, кој богатството го создал сам со помош на многу мал заем што го добил од неговиот татко Фред, кој исто така бил бизнисмен.

Адвокатот на Трамп, Чарлс Хардер, за „Њујорк тајмс“ изјавил дека претседателот нема апсолутно никаква врска со даночни затајувања.