23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вонредни контроли по масовното труење со храна во Виница

Aгенцијата за храна и ветеринарство во наредниве денови во Виница ќе изврши вонредни контроли кај сите оператори кои произведуваат, подготвуваат и вршат дистрибуција на храна, соопштија од Агенцијата, откако во Виница за неколку дена 250 лица побарале итна медицинска помош поради труење со храна.

Од Агенцијата велат дека нивни инспекциски служби, во соработка со епидемиолог од Центарот за јавно здравје и претставници од Санитарно здравствениот инспекторат викендов во Виница извршиле вонредна инспекциска контрола во сендвичарница, по добиено известување дека има лица затруени со храна.

„Од страна на инспекторите за храна, угостителскиот објект е времено затворен, наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. Земени се мостри од храната, за која Агенцијата ги чека официјалните резултати од лабораториското испитување, иако првичните наоди говорат дека се работи за бактериска загаденост“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека затруените лица се вработени во погон на фабрика за производство на мебел, за која оваа сендвичарница дистрибуирала храна два пати во текот на неделата.