16.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ми се јави Шекеринска и рече дека еден човек најверојатно е мртов, сведочеше Никола Тодоров за 27 април

На денешното рочиште во кривичниот суд за крвавиот четврток сведочи ексвицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров. Тој рече дека се обидувале на мирен начин, со пеење на македонската химна, да го спречат изборот на претседател на Собранието.

„Немаше провокации од ниедна страна“, рече на почетокот од сведочењето Тодоров. По седницата тој, како што рече, се упатил кон кабинетот на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Велјановски.

„Слушнав врева и излеговме од кабинетот и видов голема група луѓе влезени во Собранието. Некои од нив сакаа да влезат во кабинетот, но не успеаја“, рече Тодоров.

Посочи дека имало кошкање меѓу нив и групата што сакала да влезе, но не успеала. Тој рече дека потоа излегол од ходникот зашто било загушливо и се упатил надолу кон ресторанот.

Потоа Тодоров рече дека му се јавила Радмила Шекеринска.

„Ми кажа дека еден човек е најверојатно мртов и јас реков дека треба да се повика итна медицинска помош. Се јавив веднаш на директорката на Здравствен дом и побарав екипи“, рече Тодоров.

Раскажа дека трипати се обидел да влезе во прес-салата, но не успеал зашто вратата била тесна и имало многу луѓе кои не му дозволувале.

Никола Тодоров рече дека му се јавил на Чавков и побарал акција за спасување на Зијадин Села, откако претходно го пронашле на третиот кат, каде влегле со медицинска екипа. Една од докторките му рекла дека најверојатно има внатрешно крвавење во главата. Како што рече Тодоров, Чавков испратил специјални полициски сили кои дошле брзо за евакуација на пратеникот.

Во судницата покрај сведочењето на Никола Тодоров, денеска треба да сведочат и премиерот Зоран Заев, пратеникот Весел Мемеди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. На вчерашното рочиште за крвавиот четврток сведочеа и поранешниот претеник, односно актуелен скопски градоначалник, Петре Шилегов, и пратеникот Мухамед Зеќири.

Спонзорирано: